Држави кои немаат реки

Во свет поделен на речиси 200 земји, природните ресурси не се распределуваат „солидарно“. И во свет каде што се повеќе се зборува за недостиг на вода, некои земји се целосно лишени од нешто што често се зема здраво за готово: реките.

Додека Русија има илјадници реки, една голема и богата земја нема ниту една река. Понекогаш земјите кои имаат реки спаѓаат во оваа категорија, ни криви ни должни, на пример Бахамите, кои имаат само една река (останатите се потоци).

Сепак, има повеќе земји без ниту една река отколку што може да се мисли, приближно 15, а ова се некои од нив.

Либија: Реките доаѓаат и си одат

Северноафриканската пустинска земја не може да се пофали со ниту една постојана река. Она со што може да се пофали е т.н Голема вештачка река. Станува збор за огромен систем на цевки кои ја наводнуваат земјата по должина и попречно и сочинуваат 70 отсто од изворите на вода за пиење во Либија. Некои го сметаат за најголем во светот, а поранешниот либиски лидер Гадафи го нарече чудо на светот. Што е, тоа е – потфатот е импресивен.

Бахреин: Стабилна нула

Островското Кралство Бахреин, исто како и Либија, нема постојани реки. Дури, податоците за периодот помеѓу 1972 и 2017 година сугерираат дека нивото на површинските води останало стабилно: „околу нула милијарди кубни метри годишно“.

Саудиска Арабија: Десoленизацијата како решение?

Се претпоставува дека земјите на кои им недостига вода се пустински земји, па затоа не е чудно што земјите од Арапскиот Полуостров се на листата. Но, она што изненадува е дека толку голема земја, која зафаќа површина од 2.150.000 квадратни километри, нема ниту една река – сепак обезбедува вода за 34 милиони жители.

Речиси половина од водата за пиење доаѓа од десоленизацијата на морската вода. Многумина се прашуваат дали ова е решението за иднината на светот, каде што се почесто зборуваме за недостиг на вода.

Ватикан: најмалата земја на светот без река

Толку блиску, а сепак толку далеку – може да се каже за минијатурниот Ватикан, кој сам по себе нема река (некои би рекле дека нема место за река), но е оддалечен околу 400 метри од италијанската река Тибар. Тибар се повеќе е предмет на јавни дебати поради неговото загадување, па можеби Ватикан не е незадоволен што нема река. Нешто губиш, нешто добиваш – во овој случај добиваш помала грижа.

Малта: Голиот бисер на Медитеранот

Заедно со Ватикан и Монако, кои се толку мали што не е многу шокантен фактот дека немаат река, Малта е третата и последна европска земја која нема ниту една река. Згора на тоа, нема (постојано) езеро. Ако погледнете на сателитска снимка на овој остров во средината на Медитеранот, ќе забележите еднообразни сиво-кафени тонови, со само неколку траги од зелена боја. Но, секогаш има поглед на морето и радост кога прогнозата предвидува дожд.