Лесно е да се претпостави дека децата минуваат низ животот без никакви проблеми, но реалноста е многу поинаква. Децата имаат и проблеми со пријателите, па дури и чувство на осаменост – што може да има големо влијание врз нивното ментално и физичко здравје.
Всушност, во Соединетите Држави, еден лекар неодамна објави дека во земјата има „епидемија“ на осаменост која е поврзана со проблеми со спиењето, воспаление на телото, па дури и имунолошки промени кај помладите возрасни лица. Осаменоста е исто така поврзана со поголем ризик од срцеви заболувања, мозочен удар, дијабетес, зависност, самоубиство и деменција.
За жал, децата не се имуни на осаменоста. Осаменоста беше проблем со кој се соочуваа децата пред пандемијата на Ковид-19, но таа стана уште полоша.
„Постои значително поголем процент на деца кои велат дека се осамени, каде што 40 проценти во една неодамнешна студија забележале дека имаат благо до умерено чувство на осаменост, додека 10 проценти се чувствуваат сериозно осамени“, изјави психологот Стефан Софер за Yahoo Life.
Зошто е важно да се зборува за осаменоста со сите деца
Експертите велат дека родителите треба да разговараат со своите деца за тоа што е осаменост – бидејќи големи се шансите да ја искусат, дури и ако не можат да ја именуваат.
„Осаменоста е исклучително честа појава во овој момент во нашиот свет“, нагласува психологот Џон Мајер и додава:
„Со широката употреба на електронски уреди, играчки и интерактивни уреди и предмети, децата не ги учат внатрешните вештини за да бидат зафатени и да се забавуваат како што тоа го правеа во минатите генерации“.
Ако децата доживеат осаменост и не знаат што е тоа или како да побараат помош, таквата ситуација може да ги доведе до емоционални здравствени проблеми и проблеми во однесувањето.
„Периодичната осаменост може да биде нормална и можеби нема да бара многу интервенција освен да му се помогне на детето да најде соодветна активност или начин да се поврзе со пријателите и семејството“, вели Адел Кадје, педијатриски психолог, истакнувајќи:
„Но, упорната, хронична или долготрајна осаменост има многу поголемо влијание врз емоционалното и физичкото здравје на детето или адолесцентот, како и врз целокупното секојдневно функционирање“.
Чувството на осаменост може да доведе до дополнителни предизвици.
„Постои зголемена анксиозност околу врсниците или возрасните, проблеми со самодовербата и депресија“, вели Хилари Амон, клинички психолог, додавајќи:
„Ако родителите разговараат со своите деца за тоа што е осаменост и како се чувствува, децата ќе имаат алатки кои ќе им помогнат да го идентификуваат тоа чувство кога ќе го искусат“.
Децата кои се чувствуваат осамено, посочуваат експертите, може да донесат и лоши одлуки за изборот на пријатели или социјални активности.
„Можеби ќе прифатат пријателство затоа што е подобро отколку да немаат пријатели, но тоа може да доведе до тоа да се приврзат за врсници кои немаат добро влијание или не возвраќаат на добри пријателства. На овие млади луѓе ќе им биде потребна поддршка во идентификувањето на негативните аспекти на пријателството и поддршка во изнаоѓањето пријателства кои се реципрочни“, посочува Каџе.
Знаци на осаменост кај децата
Експертите велат дека постојат неколку знаци дека детето е осамено.
Детето вели дека се чувствува изоставено
„Ова може да се должи на промените во пријателствата кои можат да бидат вообичаени за време на раната и средната адолесценција – односно, детето кое претходно имало стабилна група пријатели може да доживее неочекувани и несакани промени“, истакнува Софер.
Детето цврсто се држи до родителот
„Децата кои избегнуваат училиште или други активности и сакаат да поминуваат повеќе време со своите родители може да се борат со осаменоста. Некои деца може да бараат повеќе уверување или почести прегратки или други физички удобности“, открива Амон.
Ги задеваат или се малтретирани
„Овие искуства често придонесуваат за чувство на исклученост од врснички групи“, вели Софер.
Изгледаат тажно
„Децата кои изгледаат тажни или доживуваат значителна анксиозност, исто така може да се чувствуваат изолирани од нивната група врсници“, предупредува Софер.
Тие постојано бараат внимание
„Однесувањата што привлекуваат внимание, како што се глупирањето пред врсниците или правењето работи што можеби не се безбедни, може да бидат знак дека детето е осамено“, вели Амон.
Не сакаат да ги прават работите што ги сакале претходно
„Родителите може да забележат дека нивното дете покажува мал интерес за активности или можеби нема доверба во приклучувањето на активностите“, истакнува Кадје.
Детето е мрзливо
„Можеби вашето дете ќе изгледа поуморно, раздразливо или вознемирено од вообичаено“, предупредува Кадје.
Но, треба да се има предвид и дека некои од наведените однесувања се развојно соодветни и нормални, поради што е важно да се разговара за однесувањето со детето, за родителите подобро да ја разберат основната причина.
Како да му помогнете на осамено дете
Првата работа е да разговараме. Може да биде директно или само да ја изразите вашата загриженост.
„Ако вашето дете изјави дека се чувствува осамено, прашајте го кои фактори доведуваат до тоа чувство. Штом знаете што се крие зад тоа, можете да се обидете да го решите проблемот“, предлага Амон.
Кадје препорачува родителите да ги признаат чувствата на своето дете наместо да им противречат, бидејќи тоа му помага на детето да знае дека некој слуша и дека ние не ги отфрламе неговите чувства. Мајер, исто така, предлага ограничување на електрониката, истакнувајќи дека тие им помагаат на децата да научат да се забавуваат повеќе и ги принудуваат да имаат повеќе социјални интеракции.
Родителите исто така можат да преземат некои чекори за да го направат детето повеќе вклучено во воннаставни активности во кои ќе биде општествено активно. Ова вклучува состаноци за играње со други деца, приклучување во спортски клуб и други начини за поврзување со пријателите и семејството. Сепак, експертите ги предупредуваат родителите да бидат внимателни кога станува збор за вклучување на децата на социјалните мрежи.
„Социјалните медиуми се една од опциите за поврзување, но не се погодни за сите возрасти и имаат многу недостатоци“, подвлекуваат тие.
Кога да се побара стручна помош за дете кое е осамено
Експертите велат дека никогаш не е лоша идејата да ги наведете децата на советување ако се соочуваат со тешки чувства, но тоа е особено точно ако детето покажува одредени знаци.
„Родителите се охрабруваат да побараат стручна помош ако се сомневаат дека нивното дете покажува знаци на депресија – изгледа тажно и/или раздразливо долго време, се повлекува од забавните активности, има промени во режимот на спиење и/или апетитот – или значителна анксиозност што спречува вклучување во рутински социјални искуства, како што се состаноци, забави, спорт или други активности“, нагласува Софер.
Кадје предлага родителите да побараат стручна помош доколку детето се чувствува упорно осамено неколку недели. Освен ако детето не дава коментари за самоповредување или навистина се обидело да се повреди, што е знак дека родителите треба веднаш да добијат помош.