На иницијатива на учениците СОУ ,,Јане Сандански“ организира интерен кошаркарски турнир на кој силите ќе ги одмерат шест екипи од училиштето по три од гимназиските и економските струки. Тие овие денови треба да се докажуваат во магијата на кошаркарската игра и ќе упатат порака за повеќе спорт отколку „трошење“ време на социјалните мрежи.
„Ја поздравувам и се восхитувам на иницијативата за организирање на првиот училишен турнир во кошарка на Средното Општинско Училиште „Јане Сандански“. По којзнае кој пат, нашето училиште докажува дека е расадник на таленти од областа на спортот.
Важноста на овој настан е дотолку поголема што доаѓа во еден момент кога социјалните мрежи, насилството и недостатокот на емпатија се обидуваат да завладеат со нашите животи. Денес вие решително им кажувате НЕ на таквите негативни појави и правите промоција на вистинските вредности. Убедена сум дека овој турнир ќе го зајакне спортскиот дух и трајните пријателства меѓу вас. Денес нема да има поразени. Сите ние овде сме победници!“- кажа директорката на училиштето Јане Сандански Невенка Стојанова
Целата организација е на учениците. Тие ги формираа тимовите и си избраа тренери кои се професори но не по физичка култура. Сами најдоа спонзори за сите детали на ова манифестација. Градењето на поинаков, пријателски однос помеѓу професорите и учениците е една од целите на овој турнир. Спортот ги обединува сите, ги прави рамноправни и мотивира за успех.