Трансплантација на бели дробови изведена со помош на робот

Во болница во Барселона се врши трансплантација на бели дробови со помош на пионерска техника со робот и нова пристапна рута за која повеќе не е потребно отстранување на ребро и отворање на градниот кош, објавија вчера експертите од таа клиника. 

Хирурзите од Универзитетската болница Вал д’Хеброн во Барселона користеле робот со четири раце наречен Да Винчи за да исечат мал дел од кожата, ткивото и мускулите на пациентот за да ги отстранат оштетените бели дробови и да вметнат нови преку рез од осум сантиметри во долниот дел од градната коска, веднаш над дијафрагмата, објави Ројтерс. 

  

Новата процедура е помалку болна за пациентот бидејќи раната лесно се затвора во споредба со традиционалниот метод кој бара рез од 30 сантиметри и многу деликатен постоперативен период, велат медицинските експерти. 

„Веруваме дека тоа е техника која ќе го подобри квалитетот на животот на пациентите, постоперативниот период и ќе ја намали болката. Се надеваме дека оваа техника на крајот ќе се прошири во повеќе центри“, изјави за новинарите шефот на Одделот за торакална хирургија и трансплантација на белите дробови во „Вал д’Хеброн“. 

Оваа пионерска роботска процедура досега се користеше само за лекување на рак на белите дробови. 

Според податоците на шпанското Министерство за здравство, земјата е глобален лидер во трансплантацијата на органи, со просек од седум донатори и 15 трансплантации дневно во 2022 година.