Разводот на родителите различно влијае на момчињата и девојчињата, објаснува психологот Димитриева

Стресот е онаа реакција на организмот на надворешни стресори којшто има негативно влијание врз момчињата и девојчињата, без оглед на периодот од развојот во кој се наоѓаат. Кога станува збор за возраста, многу малите деца не ги разбираат последиците од разводот во целост, но силно ги чувствуваат, вели дипломираниот психолог Марија Димитриева.

Генерално земено, разводот е стресен настан кој ги погодува сите членови во семејството, меѓутоа кога се во прашање децата и адолесцентите, потребно е конструктивно менаџирање на стресната ситуација за да се намалат негативните психолошки последици. Траумата е психолошки одговор на (стресен) настан при кој личноста доживеала психолошка/ физичка болка. Секоја личност е посебна, па од таа гледна точка, на еден трауматски настан, две личности може да реагираат различно (пример, брат и сестра чиишто родители се во процес на развод).

Со текот на времето, личноста не ја заборава траумата, туку едноставно се намалува влијанието што таа го има врз неа. Во сржта на личноста е да дава отпор на новонастанати ситуации. Стравот од непознатото може да ја „закочи’’ личноста или да предизвика однесувања кај неа кои ќе и го попречат секојдневието. За секоја загуба е потребно оджалување и време за прилагодување на новата ситуација, вели за БидиСвој Димитриева.

Атачментот (приврзаноста на детето со родителите) е емоционална врска која се формира до 2-3 год. возраст која со себе носи размена на љубов, сигурност, грижа… Тоа е темелот за подоцнежната самодоверба, независност, формирање релации со другите и односот кој личноста ќе го има со самата себе. Доколку децата формирале сигурен атачмент во раното детство, подоцна доколку дојде до тоа да едниот/ двајцата родители бидат отсустни (развод) овие деца (можеби сега и возрасни) ќе се чувствуваат безбедно, ќе одржуваат  долгорочни и квалитетни врски со другите.

Желбата на децата да останат со мајката или таткото (после разводот) може да се должи на тоа со кој родител каков атачмент имале формирано и секако поради кои причини дошло до разводот. Формираните цврсти емоционални врски обично се поотпорни на стресни ситуации. Несомнено е дека секој стресен настан е ,,земјотрес’’ што ја разнишува цврстината на градбата, но доколку основата е цврста последиците нема да се големи.

Момчињата и девојчината на предучилишна возраст, како што спомнав претходно, не ги разбираат  во целост последиците од разводот, но силно ги чувствуваат. Агресијата, плачењето, склоноста кон насилно однесување би биле последица од разводот доколку на тоа се додадат и други тригер фактори како: семејно насилство, незадоволени основни потреби кај децата, злоупотреба, финансиски проблеми.

Сето тоа заедно би довело до оневозможување на оптимален психолошки развој кај децата/адолесцентите. Последицата од тоа неретко би можела да биде (само) деструктивно  однесување и кај момчињата и кај девојчињата.

Меѓутоа, доколку на децата им се објасни дека тие не се виновни заради тоа што мама и тато се разделуваат и им се укаже дека без разлика на физичката дистанца, љубовта од двајцата родители спрема нив нема да се промени, тоа би придонело да се намалат негативните последици врз развојот на децата.

Разводот е тежок за сите членови во семејството. За децата/адолесцентите кои се обидуваат да ја разберат промената и динамиката со која истата се одвива, тоа може да резултира со промени во академскиот успех и начинот на којшто го перципираат училиштето  Социоемоционалната клима во семејството е доста важен елемент во емоционалниот развој на личноста. Доколку се зачестени родителските конфликти (пред, за време и после разводот)  голема е веројатноста да биде зголемен степенот на деконцентрација, агресија, повлеченост, намалена мотивација, што пак резултира со намалено задоволство од училиштето, слаби оценки, намален училишен успех. Меѓутоа, има доста примери кога родителите иако разведени, позитивно влијаат врз воспитно- образовниот процес на нивните деца, поддржувајќи ги, разбирајќи ги и поттикнувајќи ги да вложуваат во нивното образование. Доколку родителите вложувале во нивното образование и на тоа гледаат како на важен сегмент од човечкото функционирање, бидејќи се модели со кои децата се идентификуваат, во тој случај успехот во училиштето не би бил загрозен.

Разводот е стресен наставн кој влијае врз психолошкиот развој и на момчињата. Таткото е исто модел на кој момчињата се огледуваат и чие однесување го копираат. Емоционалната траума како што е разводот ги афектира и момчињата и девојчињата на секоја возраст, меѓутоа доколку се случува во пубертет/ адолесценција дополнително го отежнува приспособувањето и развојот. Важно е и двајцата родители да бидат вклучени во животот на нивните деца за полесно надминување на кризата. Развивањето на безбедна поврзаност со родителите е основна развојна задача за малите деца. Цврстата емоционална приврзаност изобилува со достапни родители кои нудат мир, сигурност, доверба. Овие потреби знаат да бидат разнишани за време и по разводот. Но, важно е за време на овој период и после тоа да се одржува комуникацијата со двајцата родители кои се подеднакво важни.

Во случаите на повторно стапување во брак на едниот или двајцата родители можно е децата да пројават ,,претерана врзаност’’ за да на еден начин го „заштитат’’ родителот од повторно стапување во партнерска релација. Можни се знаци на љубомора, загриженост дека ќе се изгуби љубовта, вниманието кое го имаат од родителите. Споредувањето на нивниот живот пред и после стапување на едниот или двајцата родители во повторен брак не е исклучено. Не е препорачливо децата да се ставаат во „средина’’ и во позиција да избираат страна, тврди Димитриева.

Меѓутоа, доколку отворено се разговара, доколку им се даде до знаење дека иако мама и тато се разделени тие се нивни родители кои ќе ги сакаат поеднакво им се помага на децата/адолесцентите полесно да се прилагодат на новата ситуација.