Волонтерите на ОО на Црвениот крст од Струмица изработија едукативно видео за крводарителството но и потребата од дарување крв. Со свои ставови, видувања и пораки тие објаснуваат зошто е потребно да се дарува крв и кое е значењето на оваа хумана активност. Видеото сами го изработија се со цел да се подигне свеста за крводарителството кое ги развива особините на хуманост и солидарност кај граѓаните а особено кај младите кое придонесува за подигнување на нивото на здравствена култура.
„Биди редовен дарител биди херој дарувај крв и спаси живот. Секоја дарувана капка крв е скапоцен подарок која има моќ да им даде надеж на тие што им е потребна. Биди херој, дарувај крв, биди причина за некоја насмевка“, се дел од пораките што ги упатија волонтерите на Црвениот крст од Струмица во видеото.
Крводарителството е една од традиционалните активности ан организацијата на Црвен крст Струмица. Според интегралниот план за дарување на крв за 2022 година а во соработка со Службата за трансфузиона медицина од Струмица се организираа крводарителски акции еднаш неделно.
Акциите се организираа во локалните самоуправа, во СВР Струмица, средните училишта и општи граѓански акции. Во текот на 2022 година беа собрани вкупно 1 471 единици крв од кои 756 крвни единици се од крводарителските акции и 715 се од Службата за Трансфузиона медицина. Минатата година беа реализирани вкупно 31 крводарителска акција.