За неколку години
хотел во вселената

Корпорацијата „Орбитал Асембли“ неодамна откри нови детали за својот амбициозен проект, вселенски хотел „Војаџер“– првата вселенска станица со вештачка гравитација која ќе биде подигната во ниската орбита на Земјата и која ќе биде способна да прими 400 „гости“.

Корпорацијата е основана со цел да го колонизира просторот. Тие неодамна одржаа презентација за да привлечат потенцијални инвеститори, маркетинг партнери и ентузијасти кои се надеваат дека еден ден ќе резервираат соба на станицата „Војаџер“.

Тим од искусни ветерани, пилоти, инженери и архитекти на НАСА ја истакнаа својата намера да изградат „вселенски хотел“ во ниската орбита на Земјата, кој ќе ротира околу нејзината оска доволно брзо за да генерира вештачка гравитација.

Доколку овој проект се реализира, „Војаџер“ би станал најголемата зграда што човекот успеал да ја изгради во вселената, целосно опремена за да прими 400 луѓе. Монтажата на „хотелот“ треба да започне околу 2025 година.

Внатре во овој блескав прстен ќе има тематски ресторани, салони за уживање во погледот, кина, концертни сали, барови, библиотека, теретана и спа.

На „Војаџер“ ќе се склопат 24 интегрирани станбени модули, од кои секој ќе биде со површина од 20 на 12 метри. Со оглед на тоа дека ќе има вештачка гравитација, хотелот ќе има функционални тоалети, тушеви и на посетителите на нов начин ќе им овозможува различни рекреативни активности.

Сепак, пред станицата да почне да се врти, нејзините градители треба да ја воспостават потребната орбитална инфраструктура и прво да изградат некои помали модели на Земјата за да го тестираат нивниот план.