Учениците од ООУ „Никола Вапцаров“ од Струмица на регионалниот натпревар по математика што се одржа деновиве во Радовиш освоија пет први места, едно второ и четири трети места. Паралелно добија и четири благодарници со што го стекнаа епитетот на „најдобра математичка екипа во регионот“. Ова училиште на регионалниот натпревар настапија со дури 16 ученици кои покажуваат афинитети кон математиката кои претходно го поминаа општинскиот филтер за да земаат учество на повисок ранг на натпреварување.
Ментори на учениците беа Соња Спасова, Билјана Гунова, Вангелица Манева, Милена Исирова, Марија Панова од IV одделение и Миропа Павлова – Бачева. Тие изразија задоволство што кај учениците постои огромен интерес за изучување на ова природна наука но и желба, своите знаења да ги презентираат и на одредени математички натпревари.
„Ако математиката е вратата и клучот на сите науки, тогаш со сигурност можеме да потврдиме дека основците од ООУ „Никола Вапцаров“ со своите ментори широко ја отворија вратата на математиката. Во време кога се повеќе опаѓа интересот за најтешките натпревари, ние како просветни работници се трудиме на нашите ученици да им всадиме љубов и интерес за математиката како предмет со желба да создаваме трајни вредности“, ни одговорија менторите на учениците.
Инаку регионалниот натпревар по математика се одржа завчера во ООУ „Никола Карев“ во Радовиш каде своите знаења по математика ги демонстрираа најдобрите ученици кои победија на општинските натпревари.