Во Струмица има доволно паркинг места но проблемот лежи во тоа што сите граѓани за било каква работа во централното градско подрачје одат со моторни возила. Вака тврди Миле Стојменов сообраќаен инженер кој паралелно смета дека струмичани немаат изразена сообраќајна култура. Како што вели тој и за кафе и за пет минути работа но и за прошетка, сите со автомобили доаѓаат во центарот на градот, кое преставува и тесно грло за паркинг места.
Тој смета дека сликата ќе биде поинаква ако се зголеми цената на паркинг во центарот на градот но и посериозна контрола на одговорните во поглед на паркираните возила во централното градско подрачје во Струмица.
„По однос на паркинг местата, според мое мислење во град Струмица има доволен број на паркинг места. Појавата на недостаток од паркинг места се јавува од фактот што според мене, цената за паркирање во централното градско подрачје е мала, не мала гледано од финансиски аслект, туку ниска во однос на тоа да ги демотивира граганите да користат возило за патувања помали од 2 до 3 километри. Кај нас, проблемот со недостатокот на паркинг места и гужвата во сообраќајот настанува од прекумерното користење на моторни возила и никој не сака да пешачи или пак да користи велосипед“, вели Стојменов
Според него од тие причини голем број на учесници во сообраќајот узурпираат тротоари и јавни простори за паркирање што пак ја загрозува безбедноста на пешаците. Вели дека општинските инспекциски служби заедно со МВР но и надлежните од Паркиралишта треба да бидат поодговорни во тој поглед, оти добар дел се паркираат под изговор за 5-10 минути и не плаќаат, а притоа узурпираат или обележано паркинг место или узурпираат тротоари.
За зголемување на безбедноста мора општинските инспекциски служби заедно со МВР да превземат интензивни мерки за отстранување на паркираните возила од тротоарите, дали тоа ќе е со примена на казни, или со поставување на физичи препреки за обезбедување на тротоарите да не може возилата да се качуват на тротоарите, потоа мора дислокација на контенјерите надвор од тротоарите а по можност и поставување на подземни контенјери“, смета Стојменов
Градскиот паркинг во Струмица функционира околу 15 години. Градот е поделен на црвена и жолта зона. Во црвената се наплаќа 30 денари по час со максимум два часа држење паркинг место, додека во жолтата 20 денари по час на неограничено време.
Во Струмица има околу 800 паркинг места од кои 82 се во подземната гаража каде паркирањето чини 20 денари во првиот час а за секој нареден се плаќа по 10. Инаку овие цени се формирани уште со стартот на работата на ЈП „Паркиралишта“ кое од 2013 година го превзеде и одржувањето на уличното осветлување.