Ни фали култура за возење велосипед во Струмица, смета ВК „Актив“

ВК „Актив“ изминатиот период реализираше повеќе активности и се обидува да го промовира велосипедот како превозно средство во Струмица која добива соодветна велосипедска инфраструктура. Во пресрет на пролетните месеци ќе продолжат со кампањи бидејќи остануваат на ставот дека користењето велосипед во урбани средини е корисно, економично и здраво. Борко Преметаров од клубот, истакнува дека полека се менуваат навиките, но недоволно велосипедот да стане превозно средство за работа, за завршување активност до некоја институција, шопинг. 

Во услови кога урбаните средини се преполни со моторни возила и тешко се наоѓа паркинг, велосипедите може да бидат доста ефикасни смета Преметаров.

„Сакаме да поттикнеме една култура на возење велосипед во урбаните средини. Тоа  значи дека велосипедот помага, најбрзо да стигнеме до одредено место во градот, бара мал паркинг простор, лесен и економичен е за одржување, не поттикнува да сме физички активни но и не ја загадуваме животната средина. Треба да продолжиме со организирана кампања за тоа колку е корисно и убаво да се користи велосипедот во урбаната средина и тоа посебно меѓу младите, и да ги поттикнеме институциите да ги осмислат потребните велопаркинзи, да се осмисли кратка но ефикасна обука за безбедност при возењето велосипед во град “,  вели Преметаров од ВК „Актив“.

Општина Струмица последниов период преку проектот „Струмица паметен вело град“ интензивно работи на изградба на вело патеки. Дел се завршени, дел се работат при што соодветно се обележани дека се наменети за велосипедисти. Би требало да се изградат вело патеки во должина од околу 11 километри. Почнаа да се изведуваат од големиот градски парк а патеки треба да има вдолж три булевари и десетина улици. Со изградбата на ова инфраструктура се покрива речиси целиот град што овозможува дополнителна мотивација за користење на велосипед. Преметаров уште еднаш потсетува зошто велосипедот треба да биде наше секојдневие.

„Велосипедот е и пријател на животната средина, бидејќи не емитува штетни јаглеродни издувни гасови, а посебно во урбаните средини се намалува метежот на улиците и бараат многу мало место за паркирање.

Тука се секако и здравствените придобивките од возењето велосипед, внимавате на држењето на вашето тело, стекнувате баланс и координација, зајакнувањето на мускулите посебно на нозете и стомакот, намалувањето на нивото на стрес и подобрувањето на вашето расположение, може да се намали холестеролот и севкупната ваша тежина . Возењето велосипед не прави поактивни, поздрави, ни го стимулира доброто расположение, но секако треба да внимаваме и на безбедноста“ вели Преметаров.

 Како што вели Борко Преметаров од ВК „Актив“ Струмица по изградбата на патеките, треба да се изградат и дополнителни јавни паркинзи за велосипед но и паркинзи пред институциите и училиштата. Тие како клуб ќе продолжат да реализираат активности меѓу младите, се со цел да се поттикнат да го користат ова превозно средство но и да се подигне вело културата на едно повисоко ниво во Струмица како во сите модерни и урбани средини.