Europe House Струмица одбележа две години и стана место на новите генерации

Europe House Струмица одбележа две години постоење и стана синоним каде младите се среќаваат, организираат и градат нови решенија за подобра иднина. Како што истакна Томе Печков во овие две години Europe House Струмица има организирано повеќе од 330 настани, кои  се поврзани со европските младински цели на кои присуствувале 15.000 млади од jугоистокот.

Ова е постигнато благодарение на соработката со повеќе од 100 организации, институции и други чинители од 15 општини.

„Europe House Струмица – местото на новата генерација каде младите имаат можност да ги изразуваат своите идеи и својата креативност, да дискутираат и критички да размислуваат. Место каде младите се дообразуваат и стекнуваат најразлични вештини. Место каде младите се вмрежуваат и соработуваат помеѓу себе и со други организации“ кажа Печков.

На денешното одбележување на двегодишнината на  Europe House Струмица присуствуваше и Штефен Худолин, в.д. амбасадор на делегацијата на ЕУ во Скопје кој подвлече дека овој концепт е добар пример за соработка меѓу младите.

Europe house се места каде младите доаѓаат да се сретнат и тоа претставува можност за вмрежување. Но исто така и да научат нови работи, нови вештини и можам да кажам дека сме поминале многу долг пат, имајќи го предвид краткото време кое го имавме на располагање и мислам дека само може да го надградиме позитивниот пример којшто првите три Europe house го имаат поставено и се надевам дека ќе можеме да отвориме и други такви објекти во земјата, рече Худолин.

Освен во Струмица ЕУ вакви простори има и во Скопје и Крива Паланка. Истите имаат за цел да се привлече младинскиот сектор и да се стимулираат иновации, прогресивните поединци, групи, заедници и организации да се дружат, да создаваат и да презентираат нови идеи. 

Центрите се концептуално дизајнирани за да служат како збирно место за поттикнување дебата  и соработка. Во рамката на европските вредности, центрите вмрежуваат различни профили на млади луѓе: претприемачи, млади иноватори и креативци.

Генералната платформа на Europe House има за цел да го зајакне гласот на младите во општеството, охрабрувајќи ги да играат поголема улога во идентификувањето и справувањето со предизвиците.