Струмичкиот карневал е многу долга традиција кој се одржува секоја година во рамки на тримерските денови, на почетокот на Големиот Велигденски пост. Значајна содржина од оваа вековна традиција е и детскиот карневал кој се одржува во недела на Прочка. Традиционално струмичани ги маскираат своите деца и излегуваат на карневалската поворка за најмладите. Многу училишта и наставници се вклучени во изработувањето на групни маски и заедно со своите ученици учествуваат во неделното карневалско дефиле.
Наставничката при ООУ „Никола Вапцаров“ Биљана Гунова е пример за негување на оваа традицијата и за начинот на кој љубовта кон карневалот им ја пренесува на учениците.
Во разговор со неа, редакцијата на БидиСвој дознава дека таа веќе 10 години активно учествува во детскиот карневал со своите ученици и секоја година има уникатни маски и спектакуларни настапи. Маски кои ги воодушевуваат и дечињата и публиката и гостите од страна и маски кои остануваат запаметени низ годините.
-Повеќе од 300 маски и уште толку мои ученици за една деценија биле дел од големото детско карневалско славје, вели Гунова во разговор за БидиСвој.
Не е лесно, се сеќава Гунова, но сепак радоста кај децата, насмевките и возбудата додека се подготвуваат маските , но и потоа кога истите се презентираат на дефилето пред струмичката публика е она што ја мотивира да продолжи да подготвува групна маска и заедно со учениците да бидат карневалџии.
-Моите ученици и родители работат заедно со мене на подготовка на маските. Со подготовки почнуваме два до три месеци пред карневалот. Поминуваме напорни и тешки денови, но на крајот, секоја маска е уникатна и со гордост дефилираме пред публика на детскиот карневал, вели наставник Билјана.
Како еден куриозитет е нивното учество две години по ред и на главната карневалска поворка.
-Освен подготовкaта на маските, јас како образовен работник имам за цел да им ги пренесам на моите ученици сите обичаи поврзани со карневалот. Па така, и во нашите редовни школски активности фокус ставаме на литературното и ликовно творештво со акцент на карневалот, традициите и обичаите по кои Струмица е препознатлива не само во Македонија туку слободно можам да кажам во Европа. И мојата љубов кон Карневалот е поврзана со она што мојата мајка-инаку струмичанка, ми го пренесуваше со љубов и со гордост. Па, истиот тој карневалски пламен да грее и во мене, децидна е Гунова.
На скоро една недела пред да блесне струмичкиот плоштад од колоритот на детските маски, Гунова вели дека ги привршуваат подготовките.
-Ова е еден креативен процес во кој сме вклучени јас, моите ученици и нивните рoдители. Зеднички ја избираме темата и работиме на реализацијата. Морам да кажaм дека и заеднички учествуваме во финансискиот дел, но тука, од голема помош ни се компаниите кои несебично ни помагаат за да се оствари она што со најмладите сме го замислиле.
Смета дека оваа манифестација заслужува поголемо внимание, а треба да се планираат повеќе награди за најмладите, кои се иднината на карневалските збиднувања во Струмица.
-Секако, посебно детскиот карневал заслужува и подобра организација и поголемо внимание. Заслужуваат награди и маските од детскиот карневал, и ние вложуваме исто толку време и труд како и маските кои настапуваат за големиот карневал, а некако поминуваат во сенка. На крајот од се, децата се тие што ќе ја продолжат традицијата и треба да се мотивираат за да продолжат и понатаму со маскирањето. Не само децата, и ние наставниците, сепак тоа е нешто што го правиме од љубов, со желба и со приврзаност кон вековната традиција, додава Гунова.