Концертот под маски на ОМУ „Боро Џони“ вистински пример за негување на карневалската традиција во Струмица

Музичкото училиште „Боро Џони“ и годинава ќе биде дел од програмата на струмичкиот карневал. Тие на вториот ден од карневалските свечености со гордост го најавуваат својот концерт под маски кој стана заштитен белег на ова манифестација, бидејки од година во година стана вистинско музичко карневалско доживување. Првиот човек на училиштетот Клара Патарова тврди дека годинешниов концерт под маски ќе биде уникатен кој повторно ќе донесе шаренило од бои, но и музички настапи на децата од ова училиште кои со нетрпение очекуваат да се претстават пред публиката.

„И оваа година концертот под маски ќе понуди уникатна содржина афирмирајќи музика која се пеела и свирела години наназад на светски познатите сцени како и на нашата македонска музичка сцена. Концерт под маски 2023 е насловен „Дами и господа“, вели директорката Патарова.

Still1212_00002

ОМУ „Боро Џони“ Струмица, како карневалисти за првпат се појавија далечната 2009 година кога со карневалската маска „Немирни ноти“  го освоија првото место  и ја добија престижната Гран при награда од тогашниот прв човек на ФЕКК Фердинанд Ван Дер Крон.  Тогаш за првпат во својата концертна сала одржаа и „Концерт под маски“ кога со околу 15 учесници свиреа композиции под маски. Тогаш биле забележани од организациониот одбор на струмичкиот карневал и по препорака на претседателот Александар Цицимов концертот да биде виден од повеќе струмичани од следната година се преселиле во НУЦК „Антон Панов“.

 „Како одминуваа годините, така растеше интересот кај учениците, кај нивните родители, но и нашата амбиција за поуспешни концерти се зголемуваше. Правејки ретроспектива на коцертите досега на Концерт под маски имаат учествувано околу 2500 наши ученици. 2019г. Концертот под маски насловен „Џунгла“ беше со најголем број учесници и од тогаш на концерт под маски учествуваат скоро сите ученици. Од таа година стана пракса поради големиот интерес, да се оддржуваат по две претстави една по друга со цел да се задоволи интересот на публиката,“ вели Патарова.

Според неа радува фактот што расте интересот за маскирање кај младите  и тоа со оригинални маски. 

За неа ова традиција треба да се негува и потикнува бидејки струмичкиот карневал е надалеку прочуен. Тие со нивниот концерт под маски беа дел и повеќе настани во земјава но и надвор од неа пренесувајки ја карневалската магија надвор од Струмица.

„Судејќи по тоа што карневалот до ден денешен трае, низ вековите добивал нови димензии прилагодени на времето и општествената ситуација ние како сегашни генерации мораме не само да ја продолжиме таа традиција туку да ја пренесеме и на идните генерации. Тоа што го правиме да продолжи користејќи ја фантазијата и инвентивноста. Ако во секој дом се негува таа традиција и ако во Струмица на улица го даваме тој показ дека традицијата продолжува тогаш не треба да постои сомнеж дека Струмичкиот карневал ќе згасне. Струмица во карневалските денови е необична, радосна, весела, несекојдневна. Нека биде таква за навек“ завршува првиот човек на ОМУ „Боро Џони“ Клара Патарова.