Големото карневалско дефиле во Струмица на 25 ти февруари – објавена програмата

Организациониот одбор на Струмичкиот карневал ја објави Програмaта за годинешното издание. Карневалските денови во Струмица почнуваат на 22 февруари кога клучот на градот од страна на градоначалникот Костадин Костадинов ќе биде доделен на карневалистите кои во наредните денови ќе управуваат со градот. Истиот ден  ќе има изложба на маски на СОУ „Никола Карев’’ со кои настапувале на изминатите карневалски изданија. Следниот ден четврток 23 февруари ОМУ „Боро Џони“ ќе има концерт под маски, а во струмичката библиотека ќе бидат објавени и наградените литературни творби на тема Струмички карневал.

Во петок на 24 февруари традиционално ќе се избира принц и принцеза за големото карневалско дефиле. Тоа ќе биде во сабота на 25ти февруари од булеварот „Маршал Тито“ до плоштадот „Гоце Делчев“ по вообичаената маршута. Дефилето ќе започне во 18 часот и 30 минути  и се чекува над илјада маскирани карневалисти да бидат дел од дефилето. Следниот ден на Прочка во недела ќе биде детскиот карневал.

На Чист понеделник  карневалските празнувања продолжуваат со варење и консумирање на традицоналниот бел грав по струмичките улици, а ќе бидат објавени и резултатите за најуспешните маски од интернационалната карневалска вечер. Во НУЦК „Антон Панов“ во Струмица ќе биде отворена и традиционалната изложба на карикатури и афоризми и ќе бидат доделени наградите на најуспешните.

Претпоследниот ден е резервиран за Карневалско корзо и доделување на наградите од Интернационалната карневалска вечер а карневалот завршува на 1 март со организирање Тримерски ручек и настап на „Распеани струмичани“, како и враќање на клучот од градот на градоначалникот од страна на карневалистите.