ChatGPT има најголем раст на корисници во историјата

Само два месеци по лансирањето, ChatGPT, кој може да „пишува“ написи, есеи, шеги, па дури и поезија, стана апликација, односно програма со најбрзо растечка мрежа на корисници во историјата.

Популарниот чет-бот имаше 100 милиони активни корисници во јануари, според студијата на UBS со податоци од аналитичката компанија Simiarweb.

Просечно 13 милиони уникатни посетители дневно користеле ChatGPT во јануари, што е двојно повеќе од претходниот месец.

На TikTok му требаа девет месеци да достигне 100 милиони корисници, а на Instagram две и пол години, според податоците на Sensor Tower.

Приватната компанија OpenAI поддржана од Мајкрософт го направи четботот бесплатно достапен на јавноста во ноември минатата година. На 2 февруари компанијата објави месечна претплата од 20 долари, засега само за корисниците во САД. Ќе обезбеди постабилна и побрза услуга, како и можност корисниците прво да ги испробаат новите елементи на апликацијата.

Достапноста на оваа алатка покрена голем број прашања за можноста за нефер третман во академскиот свет, како и за можноста за дезинформации.

Шефот на внатрешниот пазар на Европската унија, Тери Бретон, рече дека новите правила за вештачка интелигенција ќе имаат за цел да ја решат загриженоста за ризиците од ChatGPT и да обезбедат Европејците да имаат доверба во технологијата за вештачка интелигенција.

Бретон рече дека ризиците што ги носи ChatGPT ја нагласуваат итната потреба од правила за вештачка интелигенција што тој ги предложи минатата година во обид да постави глобален стандард за технологијата, предводена од Кина и Соединетите Американски Држави, а се користи во паметни телефони, самоуправувачки автомобили, онлајн. шопинг и фабрики.