Центарот за развој на Југоисточниот плански регион го реализира проектот „Деловен екосистем како интегриран систем – Би Ин“ кој има за цел да им се помогне на младите да развојат нови претприемачки вештини преку неформално образвоание со цел да се намали јазот помеѓу понудата и побарувачката на пазарот во Југоистокот. Околу 20 невработени лица од Југоистокот беа дел од активностите преку кои младите стекнуваа вештини за креирање на свои бизниси, преточување на идеите во бизнис планови, но и стекнување на искуства преку работилници. Паралелно тие беа дел од иновативни кампови, но и студиски престои на центри кои овозможуваат стекнувања искуства за усовршување на своите идеи во бизнис планови со цел да можат да отпочнат свои бизниси но и да се самовработат.
„Овие настани ни помогнаа да се охрабриме и да направиме исчекор во креирање на наши бизнис идеи кои се иновативни. Преку работилниците правевме анализа на пазарот што недостасува. Секако ако имаш добра идеја преточена во издржлив проект многу полесно може да се најдат инвестори кои ќе те подржат за да го реализираш. Целиот проект е одлично искуство за да се охрабрам. Секако сега барам средства за да отпочнам со реализација на мојата идеја и се надевам дека ќе успеам“ вели Симе Митев еден од учесниците кој порачува дека треба младите да се охрабрат за да го направат првиот чекор ако имат добра идеја.
„Поддршката на младите невработени лица како и почетниците во бизнисот се реализираше преку Камп за претприемништво и иновации кои го реализиравме. Главната цел на овој камп беше да се зголеми претприемачкиот дух на младите, но и да се подобрат нивните претприемачки вештини и компетенции. Како дел од кампот учесниците можеа да слушнат успешни приказни на претприемачи, а беше опфатена и практична работа во групи за подготовка на бизнис планови под менторство на обучувачи, консултанти и експерти“ информираше Данче Поп-Иванова Илиева од Центарот за развој на Југоистокот. Овој Центар на младите невработени им ги нуди на располагање и опремата за изработка на прототипови, модели на одредени производи со 3Д технологија. Организираа и повеќе отворени денови со кои младите стекнуваа искуство.
„Ова беше убава можност младите директно да се запознаат со оваа технологија која може да даде и нова насока во животот. Станува збор за опрема која опфаќа голема примена а преку која младите своите креативни решенија ги преточуваат во дизајни или прототипови. Има доста успешни приказни на млади кои својата идеја или замисла ја преточиле во нов производ, дизајн и станале бренд“ кажаa обучувачите.