Додека човештвото внимателно го следи зголемувањето на просечната глобална температура, научниците од Гренланд се обидоа да навлезат во неговата историја и да го проценат влијанието на климатската криза на овој остров. Успеаја во тоа, но резултатите не се воопшто охрабрувачки.
Имено, Гренланд во последните 1000 години никогаш не бил потопол како во модерното време, покажува студијата објавена во научното списание Nature. Просечната температура во периодот од 2001 до 2011 година била за 1,5 °C повисока отколку во текот на дваесеттиот ве.
Авторите своето истражување го засновале на дупчење на ледената покривка во централните и северните делови на Гренланд. Колку подлабоко дупчеа во мразот, толку повеќе одеа назад во времето, овозможувајќи им да ги разликуваат природните температурни флуктуации од оние предизвикани од човековата активност.
Во извештајот се наведува дека климатските промени одиграле значајна улога во драматичното зголемување на температурата во регионот на Арктикот. Денешните температури измерени на Гренланд беа незамисливи пред луѓето да почнат да согоруваат фосилни горива.
Последиците од топењето на мразот таму се чувствуваат и во остатокот од светот. Експертите предупредуваат дека Гренланд може да придонесе за зголемување на нивото на морето за 50 сантиметри до крајот на векот, доколку емисиите на јаглерод продолжи со истото темпо. Ова ќе влијае на милиони луѓе во крајбрежните области.
Иако анализата го опфати само периодот до 2011 година, оттогаш се забележани екстремни настани во овие области: како што се неочекувано топла пролет и топлотен бран во јули 2019 година, што предизвика топење на речиси целата површина на ледената покривка, како и првите дождови забележани на ледениот врв на Гренланд (3216 m) во август 2021 година.