Градежни екипи на Мајстор компани од Босилово интензивно работат на уредување и адапатација на подрумските простории од општинската зграда на Струмица во Младински центар. Станува збор за простор од околу 400 квадратни метри каде младите струмичани ќе може да се собираат и преку организација на дебати, трибини ќе имаат можност да даваат предлози на Општина Струмица за да бидат вметнати во годишните програми. Според проекциите, целиот проект треба да биде готов до крајот на јуни годинава со што се отвора вратата на поголемо партиципативно учество на младите во работата и функционирањето на општината.
,,Овој Центар ќе биде собиралиште на младите од Општината во кој ќе се реализирааат млaдински и културни настани и работилници, но ќе биде и место на идеи за големи проекти со кои ќе се гордееме сите, напиша градоначалникот на Струмица Костадин Костадинов
Адаптација и уредувањето на сутеренот на општинската зграда во Младински центар чини 116 илјади евра. Засега не е познат моделот кој ќе биде одговорен за овој центар, конкретно дали за истиот ќе се грижи граѓанска организација или пак општинската администрација. Замислата е во тој центар младите да се реализираат дебати, работилници, промоции, забави но и размена на идеи за одредени проектни активности.
Ана Клесова вели дека на Струмица ѝ е неопходен младински центар оти тоа е пропишано со законот за младински политики и младинско учество. Таа беше дел од тимот на Новус која ја изработува „Стратегијата за млади до 2027“. Станува збор за документ во кој треба јасно да се прецизираат потребите на младите од Струмица и населените места во делот на младинското информирање, младите на пазарот на трудот, културата, обарзованието, спортот. Од ова стратегија треба да произлезат и акциски планови за дејствување во наредниот период.