Кој е Жан Тосев?

  • Жан е момче од Ново Село, Струмичко, којшто порасна во овој регион. Средно училиште завршив во Струмица и потоа се упатив на Воена академија во Скопје, дипломирав и веднаш потоа се вработив во АРМ. Така започна на еден начин моето иселување од Струмица во главниот град. Таму живеам, таму работам, таму тренирам. Тоа од една страна, а од друга страна Жан Тосев е спортист којшто се натпреварува, член на атлетски клуб „Струмица“. Се натпреварувам на државните првенства во Македонија и надвор од неа. Исто така во неколку наврати државен репрезентативец на Македонија и армиски репрезентативец на сите атлетски трки коишто досега биле организирани во земјава и во странство.
316871851_1293234878138397_4590153719908776962_n

Тосев не бил атлетичар, туку бил фудбалер порано.

  • Да, така започна мојата приказна со спортот. Нашето поднебје е такво. Машките деца кога растат сите играат фудбал. Тоа ни е во крајот, има многу фудбалери од нашиот крај. Фудбалот ми е прва љубов, започнав со фудбал, меѓутоа околностите, предизвиците, потребите, ме однесоа по некоја случајност да започнам да се занимавам со атлетика. 

 Иако и понатаму имаш желба, рече дека долги години не си играл фудбал.

  • Па да, но никогаш не се знае, можеби никогаш повеќе нема да играм фудбал, но може на било кој начин да бидам вклучен во фудбалот, како некој тренер, менаџер.

Рече дека како студенти сте играле фудбал секој ден, кога се случи таа превртница да се ориентираш кон атлетиката?

    • Јас и кога играв фудбал многу трчав, бев таков фудбалер кој ја играше крилната позиција и постојано трчав. И на сите подготовки на кои сме биле, еве знаат моите поранешни тренери дека сакав повеќе да трчам. Трчањето ми било силна страна уште кога играв фудбал, но во функција на фудбалот. Пресвртницата се случи кога на Академијата поради некои недоразбирања со колегите се скаравме и им реков „играјте си вие фудбал, јас ќе одам да си трчам сам“. Оттогаш престанав да играм фудбал, започнав да си трчам со еден колега кој учествуваше на трки. Тој ми велеше „ајде, ти си добар, можеш да учествуваш на трки, имаш сила“, „не сакам“ – му велев. Најпрво трчав за себе бидејќи престанав да играм фудбал, тоа во фудбалот се вика сув тренинг, без топка, само трчање. Така си трчав, гледав, слушав, колегата исто така имаше големо влијание во тоа мое преориентирање од фудбал кон атлетика и пресвртниот момент беше всушност недоразбирањето со колегите.

    Кога за првпат Жан излезе официјално да трча со бројче од организаторот, кога истрча поголема патека?

    • Па не почнав јас да одам на трка, туку трката дојде кај мене и мојот сон не беше да одам на некое големо натпреварување, на Олимпијада, не сонував за тоа. Меѓутоа со тек на времето почнаа да се појавуваат апетити, сакам да пробам да истрчам едно, па друго. А првиот момент беа подотовките за Скопскиот полумаратон, 2013 година, кога решив да се спремам за полумаратон, тогаш долгото трчање беше во подем само што започна и некако полумаратон звучеше привлечно за сите коишто се занимаваат со тоа да успеат да ја завршат таа трка од 21 километар. Првата трка ми беше 2013 година на Скопски полумаратон, мислам дека беше 9 мај ако добро се сеќавам. Тогаш првпат ставив бројче и учествував на трка.

    Веруваше ли во себе дека ќе ги истрчаш тие 21 километар?

    • Да, бидејќи претходно се подготвував, ако сакав да одам подготвен морав да го почувствувам тоа прво така што имав истрчано 21 километар на тренинг. Знаев дека ќе го завршам, само не знаев за колку време.

     Дали тоа ја разгоре жарта кај вас, постојано да бидете дел од овие долги патеки?

    • Овој полумаратон беше како една почетна позиција, да видам како е, да се запознаам со овој нов спорт. Јас сакам да се натпреварувам, макар да пиеме кафе јас сакам побрзо да го испијам. По природа сум компетитивен дух. Подоцна кога гледам слики од трката, гледам повозрасни мажи, жени трчале, исто така со секоја почит кон понежниот пол, гледам девојки пред мене, па си велам дека јас можам подобро, дај да се спремам подобро за наредната трка. Вториот полумаратон ми беше истата година во Подгорица 2013 година, таму завршив со исти резултати некаде, меѓутоа склопот на околности, времето за тренинг, бидејќи уште бев студент беше различно. Малку повеќе се подготвував. Подоцна сакав да учествувам на други трки, организирани од Армијата, да бидам армиски репрезентативец и да се натпреварувам, тоа беше главната причина. Значи, после веќе не беше желба за спорт, туку желба за натпревар.

     Кога започна со вистинските полумаратони?

    • Овде има една интересна приказна. Наредната година требаше да одиме на полумаратон во Амстердам и колегите ми рекоа подготвувај се, треба повеќе да се подготвуваш за тоа и јас си ја сфатив сериозно работата, сакав да го видам тоа на тренинг. Маратонот беше во октомври, а некаде во септември јас си реков морам да пробам како е тоа, дали можам да ги истрчам тие 42 километри. Тогаш трчав од Ново Село до Струмица и назад. Од Ново Село до Струмица е полумаратон, а да се вратиш назад е маратон, тогаш ги истрчав тие 42 километри на тренинг. Беше работен ден, не беше многу паметна идеја, имаше многу возила, но желбата и младешката лудост ме натераа. Особено сум горд на овој момент, бидејќи Ново Село – Струмица е делница која ние секојдневно го поминуваме со кола. Тоа ми беше првиот маратон, неофицијален, додека после 2015 година учествувавме на Воена олимпијада во Кореја. Таму бев пријавен за две трки, трчав 10 000 метри, а после една недела трчав и маратон.

     Можеш ли да ги опишеш тие два часа континуирано трчање, што размислуваш, што ти минува низ глава?

    • Тие два часа се како некој вакум во мојата глава. Многу често се случува некој да викне „ајде Жан“, „напред Македонија“ и слично. Сето тоа јас го регистрирам, но како во некој сон. Мислите се цело време насочени кон пресметки. Пример, каде сум јас во однос на времето кое сакам да го постигнам. Цело време размислувам со која брзина треба да трчам, значи некои математики си правам во глава. Одвреме навреме погледнувам и во часовникот. Има и други моменти, во првиот дел од трката кога уживаме во трката. Еве на пример во последниот маратон во Љубљана ми беше мило што имаше дечиња во публиката со своите родители. Многу беше убаво да се види како навиваат, како пуштаат раче да се поздрават.

    Меѓутоа, каде се насочени вашите мисли, еве на пример, некои трчаат со слушалки?

    • Па и јас првиот маратон го трчав со слушалки, не знаев едноставно каде да се фокусирам. Но, сега ми пречи да треба да трчам со музика. Како да влегувам во некоја зен фаза, може да се мисли и на тоа што ме чека наредниот ден, се препуштам на моментот и уживам. Имаше еден момент кога требаше да земеме вода, колегата што беше до мене, мојот противник не успеа да земе вода, јас се напив и му подадов нему. Потоа трет колега, ми рече секоја чест за потегот. Дека тоа бил добар спортски потег. Размислував и не можев да се сетам каде му дадов вода, едноставно не се сеќавам. Си викам сигурно направил грешка, јас не сум му дал, за на крај да ми текна на која водна станица, на кој километар сум му дал навистина вода. Тоа останува како некоа бледо сеќавање, како вакум. Сепак целиот фокус е на самата трка.

    Како се храните, кога легнувате пред маратон? Ако маратонот е од 9 часот, дали појадуваш?

    • Не, не појадувам. Тоа е и многу индивидуално, како ќе го навикнеш организмот. Но, во принцип најголем дел од тие што трчаат, ако маратонот е рано наутро не појадуваат или евентуално може да се јаде нешто малку и лесно, на пример овесни снегулки, банана најчесто. Бананата е најкласичен оброк за тие што трчаат.

    Како издржувате, сепак тоа е голем напор кој треба да се издржи?

    • Не е најважно што ќе правиме денот или утрото пред трката, туку недели и месеци пред трката. Колку ќе одмараме, како ќе тренираме, како ќе јадеме, што ќе пиеме.

    Спомена дека континуирано си трчал 15 месеци, секој ден. Како изгледа тоа, како да те влече да ги облечеш атлетските патики и да излезеш да трчаш?

    • Тоа со тек на времето преминува во навика, во обврска, како што се храниме и тоа преминува во таква навика. Имав таков период од 15 месеци, вклучуваше цела една календарска година, тоа беше 2015 година, кога од 1 јануари до 31 декември немаше ден кога не трчав.

    Кој е најдобриот резултат за Тосев на 42 километри?

    • Ова што го постигнав на маратонот во Љубљана беше мојот најдобар резултат, пристигнав осми на целта. Времето е два часа триесет и една минута и педесет и шест секунди. Тоа е мое најдобро време, во моментов има само еден наш атлетичар што има подобро време на маратон, тоа е Дарио Ивановски и е апсолутен шампион во сите категории и е далеку подобар од сите нас.

    Колку маратони има истрчано досега Тосев?

    • Ова реално ми е трет официјален маратон, но на тренинзите имам истрчано повеќе пати за да бидам спремен. Инаку, официјално се три маратони, првиот во Јужна Кореја, вториот е војнички маратон којшто беше со патики, војничка униформа и ранец од шест килограми и на не многу рамна патека, тоа беше повеќе како некоја трејл трка, но сепак маратон. И ова ми беше трет маратон. Полумаратоните не ги бројам, меѓутоа сигурно има над 40, бидејќи таа ми е како омилена дисциплина. Но, сега веќе почнувам да се преориентирам кон трчање маратони двапати годишно бидејќи тоа е така здрав начин.

    За околу 8 години, колку што се занимаваш со тоа, тоа се околу 2 до 3 маратони годишно.

    • Да, така е, некогаш поради работни обрврски или поради некоја повреда не можеме. Еве оваа година имам пет полумаратони и еден маратон. Но просекот е некаде околу 4 000 километри годишно на тренинзи и трки. Еве околу 10 години трчање по 4 000 километри, околу 40 000 километри.

    Со тие 40 000 километри до каде би стигнале?

    • Па не знам, треба да проверам, до Швајцарија неколку пати и назад.

    Факт е дека последните години поголемите градови организираат маратони, што оди во прилог на полумаратонското и маратонското трање, сметаш ли дека сме на вистинскиот пат, имаме ли ние култура за такво трчање, до каде сме?

    • Тоа ми е малку како болна тема. Да, на вистинскиот пат сме, но сметам дека сме сепак назад за разлика од другите држави. Тоа што јас го правам во другите држави е нормално за еден доктор, за еден адвокат и слично. Времето коешто јас го трчам за другите држави и нормално, не е нешто многу. Проблемот лежи во воспитувањето на децата, во училишниот спорт и клубовите. Клубовите треба да бидат насочени кон нив, кон нивното воспитување за после кога ќе пораснат тие деца да бидат атлетичари па да воспитуваат други деца. Некако од корен треба да се потсреди и менталниот склоп. Пример, мојата ќеркичка секој ден ме гледа како излегувам да трчам и после на секоја прошетка таа се поставува во висок старт и ми вели ајде да се тркаме. Ние во нашето општество немаме доволно примери од коишто младите ќе учат. Сега ќе се присетам на еден твит за Олимпијадата во Рио кога беше имаше пратено десетина спортисти и имаше муабети „многу малку биле“. Па имаше еден коментар дека многу се буниме за малкуте спортисти во земја каде што национален спорт е одење на кафе. Тоа е реалноста. Еве во Словенија станувам утрото и првата слика која ја гледам беа двајца учители, учител и учителка, со 13 – 14 деца сите со велосипеди, со кациги. Кај нас таа слика не може да се види. Тука лежи одговорот на сите тие прашања.

    Атлетиката лежи во основата на сите спортови, но вие не се стремите со професионално занимавање со тоа, туку само за стекнување здрави навики.

    • Да, така е. Еве во другите држави секој човек си има свое хоби, дали трчање дали пливање, кошарка, фудбал, велосипед. И одат на натпревари не за да се натпреваруваат туку за лична сатисфакција, за дружба. Особено тоа го прават за викендот кога се послободни. Ние треба да спортуваме за да имаме здрав начин на живот. Како што е летањето за птиците, пливањето за рибите, движењето е за човекот. Дали било трчање, пешачење, планинарење, мора да се движиме.

    Мораме да признаеме и дека сликата во Струмица почна да се менува, можеби со одржувањето на првиот StrumicaRun. Тогаш пред едно десетина години струмичани гледаа со потсмев на ентузијастите кои трчаа низ паркот, но еве таа бројка почна да се зголемува, некако се рушат веќе тие табуа.

    • Квантитетот носи и квалитет понатаму, можеби некој од нив повеќе ќе се заљуби во тоа и ќе сака професионално да се занимава. Како што реков, на прав пат сме, Скопје, Струмица и останатите градови. Овде сакам да ги поздравам моите пријатели од АК Беласица Ран, кои се многу големи ентузијасти и често излегуваат на трчање и така прибираат некои нови членови. Некој ќе ги види, ќе сака да проба и веќе тоа станува помасовно.

    Дали има влијание тука и атлетската федерација?

    • Федерацијата води грижа, но самите резултати тоа го кажуваат. Колку претставници имаме ние на Европски и Светски првенства. Федерацијата води грижа, меѓутоа не е доволна. Не е само и Федерацијата, тука имаат улога и луѓето, родителите, училиштата, наставниците, ентузијастите, сите имаат улога во тоа каква спортска нација ќе се развиваме ние.

    Кои се плановите на Тосев?

    • Еве веќе имаме трка во Гевгелија, таму е помала трката ја има од 5 и од 1 километри не е полумаратон или маратон, за помал град тоа е најсоодветно. Понатаму има некои маратони кои поради обврски ќе морам да ги одложам. И до крајот на годината ќе се одржи едно армиско првенство на малку повисоко ниво. Малку одмор и подготовки за следната сезона.

    Која е ваша желба, цел која ја имаш поставено пред себе?

    • Желбите се раѓаат една по друга, така што резултатот на овој маратон ми роди нови желби. Секако желбите треба да ни бидат реални. Мојата желба моментално е да истрчам маратон под 2 часа и 20 минути, малку побрзо од тоа што го истрчав, меѓутоа искуството и грешките ми покажаа. Сепак тоа за светски рамки е скромно време. Еден ден би сакал да учествувам на берлинскиот маратон којшто е малку побрз и таму да завршам со некое време под 2 часа и 20 минути.