Ирена Ванчоска студент по фармација на медицинскиот факултет од Штип втора година е сместена во Државниoт студентски дом во Штип. Таа отворено зборува за условите, предизвиците и недоследностите да се живее во соба со други тројца колеги, но и редовно да го совладува матeријалот. Како што ни кажа предавањата и биле онлајн, вежбите со физичко присуство, а учењето во соба или во предавална. Тврди дека условите и не се толку лоши во однос на парите кои се даваат за престој.
,,Моментално престојувам во Штип, бидејќи имаме повеќе обврски овде во Штип и покрај тоа што предавањата се онлајн. Престојувам во државен студентски дом. Условите се такви какви што се, меѓутоа мислам дека многу луѓе ги претставуваат на погрешен начин, бидејќи не е се толку катастрофално, особено во нашиот студентски дом. Има солидни услови и во однос на средствата коишто ги резервираме за сместување, условите се навистина добри. Во соба најчесто сме сместени по четворица. Просторот е помал, но сепак добро се снаоѓаме. Со добра организација може да функционираме“, вели Ирена.
Според неа престојот во студентскиот дом има и свои мани и свои предности. Најголема предност е тоа што секој ден имаат готвена храна, но и можност за поголема социјализација. Се стекнуваат нови пријателства подобра можност за консултации доколку сте на ист факултет, можност за размена на материјали, мислења но и секако за студентски дружби, смета Ванчоска.
„Како што споменав предност е храната, потоа сметам дека социјализацијата особено како важен фактор во нашите животи како млади личности, тука е многу подобра. Се запознаваш со најразлични луѓе, карактери, има многу дружби, меѓусебно си помагаме. Интересно е кога се запознаваш со личности од други градови. На почетокот особено стравував и бев скептична околу тоа дека ќе живеам со нови личности, но кога дојдов тука всушност бев многу пријатно изненадена. Можеш многу лесно да се вклопиш, не мора да значи дека со некој не се познаваш нема да функционираш одлично. Некогаш може да е сосема спротивно. Има многу почит, разбирање, си помагаме меѓу себе и некогаш не се ни чувствува таа празнина дека сме одделени од дома. Едноставно како да се надополнува тој недостаток“, вели Ирена за ,,Биди свој’’.
Одлуката да студира фармација дошла заради нејзината љубов кон природните науки, посебно биологијата и хемијата. Вели дека мошне интересни ѝ се вежбите каде во лаборатории се прават разни хемиски реакции по предмeтите од оваа студиска програма.