Елон Маск објави дека очекува клиничките испитувања на безжичните мозочни чипови, развиени од страна на неговата компанија Неуралинк, да започнат врз луѓето за половина година, откако претходните рокови постојано беа поместувани. Неуралинк создава мозочни чипови дизајнирани да им овозможат на луѓето со попреченост да ја вратат моторната функција и да комуницираат, а чиповите, исто така, ќе таргетираат и на обнова на видот кај лица кои го изгубиле. Тие, исто така, се очекува да лекуваат мозочни болести како Паркинсон, Алцхајмерова болест и деменција.
Во јануари, невротехничката компанија објави конкурс за персонал за спроведување на клинички испитувања на мозочните чипови врз луѓето, верувајќи дека ќе добие регулаторно одобрување. Додека чека дозволи за човечки тестови, компанијата спроведе серија експерименти со животни во последниве години.
Зеленото светло за тестирање на луѓето го издава Американската администрација за храна и лекови (FDA).
За време на тричасовната презентација во седиштето на Неуралинк, Маск рече дека неговата намера била „да биде исклучително внимателен и уверен дека сé ќе функционира добро пред уредот да биде вметнат во човечкото тело”.
„Мислам дека го предадовме поголемиот дел од нашата документација на Администрацијата за храна и лекови и веројатно за околу шест месеци треба да добиеме дозвола да ги тестираме чиповите на луѓе”, рече Маск.
Зборувајќи пред избрани луѓе на презентацијата во седиштето на Неуралинк, Маск ја истакна брзината со која компанијата го развива својот уред. „Напредокот, особено кога станува збор за луѓе, може да изгледа бавен, но ние правиме сé за целосно да го развиеме паралелно. Значи, теоретски, напредокот треба да биде експоненцијален”, додаде тој.
Првите две човечки примени на кои цели Неуралинк ќе бидат враќање на видот и овозможување на движење на мускулите кај луѓето кои не можат да ги движат, рече Маск.
„Дури и ако некој никогаш не гледал, како да е роден слеп, сѐ уште веруваме дека можеме да го вратиме видот”, рече Маск.
Последната јавна презентација на Неуралинк, пред повеќе од една година, вклучуваше мајмун со мозочен чип кој игра компјутерска игра, размислувајќи сам.